Во насока на информирање на македонските иселеници за Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021, како и за промовирање на самопопишувањето на дијаспората, Државниот завод за статистика во изминатиот период, во соработка со Агенцијата за иселеници, одржа 3 онлајн работилници со македонски иселеници и со претставници на македонски здруженија од Европа, Америка и Австралија.
На работилниците се дискутираше за потребата од Попис и за неговата важност за државата, имајќи го предвид фактот дека последниот Попис во Македонија се спроведе пред речиси 20 години. Особен акцент се стави на самопопишувањето на македонските државјани кои живеат во странство, како и на важноста на тие податоци, кои ќе дадат јасна слика за иселувањето од државата, и ќе помогнат тоа да се намали или спречи. Исто така, на овие работилници се дискутираше и за многуте дезинформации и шпекулации кои го следат самопопишувањето на дијаспората и тие беа разјаснети што придонесе за зголемување на поддршката од страна на присутните иселеници. Тие отворено ја искажаа нивната поддршка и подготвеност да ги пренесат во нивните заедници информациите кои им беа претставени на работилниците.
Државниот завод за статистика уште еднаш ја искажа отвореноста за соработка со македонските иселеници и ги повика за сите дилеми и нејаснотии да се обратат директно во Заводот, каде што стручните служби ќе одговорат на сите нивни прашања.