Ти си повеќе од бројка, УЧЕСТВУВАЈ!




Историјат на пописите


Попис на населението, домаќинствата и становите

На територијата на Република Северна Македонија првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19-тиот век.

Првиот современ попис на територијата на Република Северна Македонија е спроведен во 1921 година.

По Втората светска војна, во Република Северна Македонија се спроведени 8 пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.

Пописот во 1991 година беше со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада.

Пописот во 1994 година е прв попис во Република Северна Македонија по нејзиното осамостојување.

Пописот во 2002 година е последниот спроведен попис во Република Македонија.
Пописот претставува вкупен процес на:

  • прибирање,
  • обработка,
  • оценка и анализа и
  • дисеминација на податоци за населението, домаќинствата и становите во една држава.

Постојат две најчесто употребувани дефиниции за Пописот. Првата дефиниција е дека Пописот на населението, домаќинствата и становите претставува статистичка операција со која во редовни временски интервали (најчесто на десет години) се врши официјално пребројување на населението на територијата на земјата, од нејзините најмали географски територијални единици до ниво на држава, заедно со дефинираните демографски, социјални и економски карактеристики на вкупното население. Втора најчесто применувана дефиниција е дека Пописот на населението, домаќинствата и становите претставува процес на прибирање, обработка, оцена, анализа и дисеминација на податоци за населението, домаќинствата и становите во една држава (или на точно дефинирана територија) во определен временски интервал.

Пописот е најобемно статистичко истражување во однос на единиците што се попишуваат и најмасовно во однос на бројот на учесниците што учествуваат во неговото спроведување. Пописот се подготвува неколку години пред неговото спроведување на терен, а податоците се обработуваат подолг временски период по прибирањето од теренот.
Вообичаено е пописите да се спроведуваат на секои 10 години, и тоа во годините што завршуваат на нула или еден.

Современите пописи се важен статистички извор за прибирање на индивидуални податоци за населението, домаќинствата и становите од најниско географско ниво до ниво на државa и притоа:

  • претставуваат значајна основа за современо одлучување и управување на сите нивоа;
  • обезбедуваат голем фонд на релевантни статистички податоци неопходни за научни и стручни анализи на состојбите и идните макроекономски планирања на развојот на земјата;
  • обезбедуваат континуитет и споредливост со резултатите од претходните пописи;
  • претставуваат наследство кое треба да се обезбеди за сегашните и за идните генерации.

Државите членки на ООН се обврзани на спроведување Попис на населението и домувањето во согласност со донесените Меѓународни препораки за пописите на населението и домувањето, подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и Евростат околу 2020 година (Conference of European Statisticians Recommendation for the 2020 Censuses of Population and Housing – CES, 2016).

Главни цели на Пописите на населението, домаќинствата и становите

Главни цели на Меѓународните препораки за пописите на населението и становите околу 2020 г, (заеднички подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и статистичкиот завод на Европската Унија - Евростат) се:

  • да се обезбеди методолошко упатство и поддршка на државите во планирањето и спроведувањето на пописите на населението;
  • да се олесни и подобри споредливоста на податоците на регионално и на меѓународно ниво преку селекција на главниот сет белези и преку хармонизирање на дефинициите и класификациите.

Поради својата сериозност и обемност, Пописот бара исклучително внимателно планирање, подготовка, тестирање, анализирање и документирање на секоја фаза. Затоа, според своето општо значење, Пописот се рангира како активност од висок државен интерес, а неговото спроведување секогаш се регулира со посебен Закон за Попис кој се усвојува од страна на Собранието на Република Северна Македонија.

За спроведување на Попис е потребна сестрана и темелна анализа, информирање, создадени услови, но и адекватна поддршка и вклучување на институциите во државата од највисоко ниво.

Примена на податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите

Агрегираните статистички резултати, добиени од податоците собрани од Пописот, освен за статистички цели, се користат и за макроекономски планирања, креирање на развојни политики, научни анализи и за други истражувања.

Со Пописот се обезбедуваат податоци што се од голема важност и за статистиката, односно даваат солидна основа за создавање временски серии со чија анализа се овозможува квалитетно согледување и оцена на факторите на демографскиот развој, развојот на социјалните движења, урбаниот развој и сл., во минатото, сегашноста и иднината.

Со Пописот на населението се обезбедуваат податоци за бројот на населението и за неговата територијална разместеност, како и за неговата структура според демографски, географски, економски и социјални белези.

Со Пописот на домаќинствата се обезбедуваат податоци за бројот на домаќинствата и за нивната територијална разместеност, како и податоци за структурата на домаќинствата според нивната големина, типот и семејниот состав.

Со Пописот на живеалиштата се обезбедуваат податоци за бројот на живеалиштата според видот и нивната територијална разместеност, а за становите, во градежна смисла, се обезбедуваат и податоци за нивната големина и опременост со инсталации и помошни простории.

Податоците од Пописот може да се користат и за воспоставување и водење на статистички регистри во надлежност на Државниот завод за статистика.

Заштита на лични податоци
Упатства за попишување
и COVID 19 протокол

© 2024 - Државен завод за статистика