Организација
I Пописот го подготвува, организира и спроведува Државниот завод за статистика. Учесниците во Пописот работат врз основа на писмено овластување во кое право на увид има секое лице што се попишува, а Пописот го вршат во согласност со Методологија за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година
Нивните права и обврски се утврдени во согласност со Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите, 2021 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 19/2021).
Во организацијата и спроведувањето на Пописот учествуваат и:
- Советот за статистика на Република Северна Македонија,
- комисиите за пописните реони,
- државните инструктори,
- реонските инструктори,
- реонските попишувачи и
- други учесници согласно со одредбите од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021
Советот за статистика на Република Северна Македонија, согласно со член 27 од Законот за Попис, 2021 , му дава мислење на директорот на Државниот за вод за статистика за:
- содржината на Методологијата за Пописот и пописните обрасци,
- организациско-техничките мерки за заштита на податоците од пописот и
- програмата за обработка и објавување на податоците од Пописот.
- Советот за статистика, по барање на директорот, зазема ставови за одредени стручно-методолошки прашања поврзани со реализацијата на Пописот.
- Во работата на Советот, покрај претседателот и членовите на Советот именувани од страна на Собранието на Република Северна Македонија, за прашања поврзани со Пописот, учествува и заменикот на директорот на Државниот завод за статистика.
Комисијата за пописен реон ги врши следниве работи:
- учествува во информирањето на населението за значењето на Пописот и правата и должностите на граѓаните во Пописот,
- обезбедува просторни и други материјално-технички услови потребни за спроведување на Пописот,
- презема мерки за навремено опфаќање на единиците на Пописот,
- обезбедува просторни и други услови за спроведување на обуките на учесниците во Пописот,
- заедно со државните инструктори спроведува тестирање на пријавените кандидати за попишување,
- заедно со државните инструктори подготвува предлог за избор на реонски инструктори и попишувачи,
- заедно со државните инструктори врши распоредување на инструктори и попишувачи по пописни кругови и
- врши и други работи во врска со Пописот, согласно со Упатството за начинот на работењето на комисиите за пописните реони и Законот за Попис, 2021.
Државните инструктори ги вршат следниве работи:
- се грижат за примена на методолошките правила и упатства за спроведување на Пописот,
- учествуваат во подготовките и ja спроведуваат обуката на членовите на комисиите на пописните реони, на реонските инструктори и ја надгледуваат обуката на попишувачите,
- заедно со Комисијата за пописен реон спроведуваат тестирање на пријавените кандидати и подготвуваат предлог за избор на реонски инструктори и попишувачи,
- учествуваат во организирањето и координирањето на целокупниот процес на спроведувањето на Пописот во пописниот реон,
- даваат стручни толкувања на учесниците во Пописот за методолошките материјали и другите инструменти во Пописот,
- ги пренесуваат ставовите на Државниот завод за статистика по определени прашања од Пописот и обезбедуваат запознавање на сите учесници во Пописот и нивна примена на теренот,
- редовно и непосредно го следат спроведувањето на Пописот и работата на реонските инструктори и реонските попишувачи,
- секојдневно го информираат Државниот завод за статистика за текот и спроведувањето на Пописот и
- вршат и други работи и работни задачи во врска со Пописот, согласно со Законот за Попис, 2021.
Реонските инструктори ги вршат следните работи:
- Реонските инструктори ја спроведуваат обуката на реонските попишувачи.
- Реонските инструктори непосредно го следат попишувањето на населението што го вршат реонските попишувачи и се грижат за квалитетно попишување и целосен опфат на единиците на Пописот.
- Реонските инструктори работат согласно со Упатството за работа и во текот на попишувањето и во другите активности во врска со Пописот се должни да постапуваат согласно со инструкциите од државните инструктори.
Реонските попишувачи ги извршуваат следните работи:
- Реонските попишувачи вршат непосредно попишување на терен и се должни да внесуваат податоци во електронската апликација согласно со Упатството за попишување.
- Реонските попишувачи добиваат стручна помош при попишувањето од реонските инструктори и од државните инструктори.
Државните инструктори, реонските инструктори и реонските попишувачи се должни во текот на Пописот да применуваат технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на податоците согласно со прописите од областа на заштитата на личните податоци.
II За организациските потреби на Пописот, се определуваат 50 пописни реони и нивни седишта.