Ти си повеќе од бројка, УЧЕСТВУВАЈ!




Често поставувани прашања


 

Што е Пописот на населението, домаќинствата и становите?

Пописот на населението, домаќинства и становите (во натамошниот текст „Попис“) е најголемото и најскапото статистичко истражување чија цел е прибирање основни податоци за бројот, територијалната разместеност и структурата на населението според демографски, економски, образовни, миграциски и други белези. Покрај тоа, со Пописот се прибираат и податоци за домаќинствата, живеалиштата и нивните карактеристики.

Кога ќе се одржи Пописот 2021?

Пописот ќе биде спроведен во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година на полноќ, што ќе се смета за критичен момент на Пописот (референтен датум на Пописот).  

Зошто се спроведуваат пописи?

Пописот е најобемниот извор на податоци за населението, домаќинствата, семејствата и живеалиштата. Овие податоци се неопходни за спроведување разни економски и социјални развојни политики и научни истражувања.

Кој го организира Пописот 2021?

Пописот го подготвува, организира и спроведува Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија

Кои се главните задачи на Државниот завод за статистика во врска со Пописот 2021?

Главните задачи на ДЗС вклучуваат:

  • Навремено и детално информирање на јавноста за целите, значењето и содржината на Пописот
  • Обучување на членовите на комисиите за пописни реони, реонските инструктори и попишувачите
  • Организација и спроведување обука на лицата вклучени во пописот во однос на законите за заштита на личните податоци
  • Изработка на инструменти и упатства за спроведување на Пописот
  • Обработка на податоците собрани со Пописот
  • Подготовка и објавување на резултатите од Пописот
  • Примена на технички и организациски мерки за заштита на податоците во согласност со Законот за заштита на личните податоци    
  • Други задачи во согласност со Законот за Попис, 2021

Која е правната основа за Пописот 2021?

Пописот 2021 ќе се спроведе врз основа на Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на РСМ“ бр.19 од 25.01.2021), со кој се уредува содржината, подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021 година, обврските на сите органи вклучени во спроведувањето на Пописот, правата и обврските на граѓаните како даватели на податоци за Пописот, како и на сите лица вклучени во спроведувањето на Пописот и обработката на податоците по Пописот, објавувањето на резултатите од Пописот и неговото финансирање.

Колку лица ќе учествуваат во Пописот 2021?

Според планот, се очекува околу 5000 попишувачи, 120 државни инструктори и 500 реонски инструктори да учествуваат во Пописот 2021. Дополнителни учесници се членовите на комисиите за пописни реони. 

Како можам да го идентификувам попишувачот?

Секој попишувач носи овластување за идентификација издадено од ДЗС. Исто така, секој попишувач треба да го потврди својот идентитет пред домаќинството со покажување документ за лична идентификација.

Колку чини Пописот 2021?

Според Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, средствата потребни за финансирање на Пописот изнесуваат 522.721.000 денари.

Дали граѓаните се должни да дадат податоци за Пописот 2021?

Да, граѓаните се должни да обезбедат податоци и да ги споделат потребните информации наведени во член 35 алинеја 2 од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година.   

Дали моите лични податоци ќе се чуваат во тајност?

Државниот завод за статистика има законска обврска да ги заштити вашите одговори и да ги чува  доверливо, бидејќи еден од главните принципи на официјалната статистика подразбира заштита и доверливост на индивидуалните податоци. Нема да бидат објавени индивидуални податоци, туку податоците од Пописот ќе бидат изразени само во збирна форма (агрегирани) на ниво на држава, општини и населени места.

Вашите одговори не може да бидат споделени со ниту еден друг владин орган, ниту пак може да бидат употребени против вас.

Кои меѓународни документи се користени при подготовките на Пописот?

Правната рамка за спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021 година е дефинирана во:

 Меѓународнa регулативa

  • Меѓународните препораки за пописите на населението и домувањето околу 2020 година, подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и Евростат (Conference of European Statisticians Recommendation for the 2020 Censuses of Population and Housing – CES, 2016)
  • ЕУ Регулативата 763/2008 на Европскиот парламент и Советот, како основна (појдовна) регулатива за европската статистика за пописите на населението и домувањето;
  • ЕУ Регулативата 543/2017 на Европскиот парламент и Советот a за утврдување на правилата за примена и техничката спецификација на белезите и нивното расчленување за европската статистика за Пописот на населението и домувањето, 2021;
  • ЕУ Регулативата 712/2017 на Европскиот парламент и Советот - за утврдување на референтната година и програмата за метаподатоци за европската статистика за Пописот на населението и домувањето, 2021;
  • ЕУ Регулативата 881/2017 на Европскиот парламент и Советот– за структурата на извештајот за квалитет и техничкиот формат за доставување на пописните податоци за европската статистика за Пописот на населението и домувањето, 2021;
  • ЕУ Регулативата 1799/2018 на Европскиот парламент и Советот  за дисеминација на одбрани белези на 1 км² за европската статистика за Пописот на населението и домувањето, 2021.

Каде да се пријавам за работа на Пописот 2021? Која е постапката?

Јавен оглас за инструктори и попишувачи ќе биде објавен во седиштата на комисиите за пописни реони и во 3 дневни печатени весници (на македонски јазик и во весници што се печатат на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните) во втората половина на февруари, 2021. По приемот на пријавите на потенцијалните кандидати, ќе следи постапка за тестирање. Оние кандидати што ќе го положат тестот ќе поминат обука (методологија, организација на Пописот и употреба на ИТ апликација за попишување).

Кои се предусловите за работа на Пописот 2021?

Кандидатот мора да има завршено најмалку средно образование или повисоко и да не е вработен, да има основни компјутерски познавања и ИТ вештини  и да го положи влезниот тест за попишувачи. Теренските активности ќе се одвиваат од 1 до 21 април и ќе траат во текот на секој ден. Попишувачите ќе бидат на терен секој ден од 08-20 часот , од кој најголем дел ќе попишуваат, а помал дел од времето ќе поминуваат со нивните контролори за решавање на евентуални прашања.. Од попишувачите се очекува да бидат достапни за целодневен ангажман за време на Пописот.

Дали ќе се  опфати во вкупно (резидентно) население некој кој живее и работи во странство со години, но секоја година доаѓа во Република Северна Македонија?

Ова лице може да се попише, но нема да биде опфатено во   категоријата вкупно резидентно население.

Што ако во моментот на попишување имам гости дома или јас сум на гости? Дали треба да се попишат гостите ?

Не. Гостите ќе се попишат во нивното место на живеење.

Како се попишуваат лицата со 2 или повеќе живеалишта? Кое се запишува?

Се запишува она место на живеење каде што лицето поминува поголем дел од времето во текот на годината.

 

За лицата со вообичаено место на живеење во Република СЕверна Македонија кои за време на пописот се во странство, а кои не се самопопишале, туку друг дава податоци за нив – дали некаде во прашалникот ќе се наведе дека се во странство?

Лицето кое дава податоци за тие лица наведува во која држава живеат тие лица и дава одговори на сите прашања кои се однесуваат на тие лица. Доколку прашалникот за тие лица е нецелосен, апликацијата нема да го прифати како попишано лице.

Според личната карта се водам како жител на еден град, а живеам во друг. Каде треба да се попишам?

Се попишувате на адресата во местото каде што вообичаено живеете,  доколку не сте студент или ученик. Студентите и учениците кои учат/студираат во друг град  во државата, различен од местото каде што живее нивното домаќинство, ќе се попишат во нивните домаќинства.

Од кого сте добиле дозвола да имате увид во моите лични податоци и од каде да знам дека нема да ги злоупотребите? Од каде сте ги преземале моите податоци?

Податоците се преземаат од административни бази на податоци на институциите во државата преку кои вие остварувате одредени права. Државниот завод за статистика, како носител на статистичкиот систем во државата, според Законот за државната статистика има право да ги користи тие податоци за статистички цели. Користењето на податоците се врши според одредбите на Законот за државната статистика, Законот за Попис и Законот за заштита на личните податоци, така што не постои никаков сомнеж околу заштитата и користењето на тие податоци.

 

Дали имам право на увид во она што попишувачот го внесува за мене во прашалникот и дали треба тоа да го потврдам? Што во случај да имам право на увид и потврда, а истото не ми биде овозможено?

Имате целосно право на увид во она што ќе се појави за вас од Претпописната база на податоци (кога попишувачот ќе го внесе вашиот ЕМБГ), како и во сето она што попишувачот текстуално ќе го внесе во апликацијата и вие треба да потврдите дека податоците се точни. Доколку попишувачот не ви го овозможи ова, треба да се јавите во Комисијата за вашиот пописен реон и да го пријавите случајот.

Дали имам право да одбијам да се попишам и кои се последиците?

Попишувањето е законска обврска што произлегува од Законот за Попис, 2021 и секое лице кое е единица на Попис е законски обврзано да го прими попишувачот  и да ги даде  бараните податоци. Одбивањето да се попишете повлекува покренување на прекршочна постапка и глоба во износи пропишани во Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на РСМ“ бр.19 од 25.01.2021)

Дали доколку државјанин на РСМ е отсутен на привремена работа во странство 6 месеци и е со намера да остане таму засекогаш, треба да биде дел од вкупното население?

Според Методологијата за Пописот и дефиницијата на вкупно резидентно население, секое лице државјанин на РСМ кое е отсутно во странство помалку од една година спаѓа во категоријата  вкупно резидентно население без оглед на неговата намера.

Во услови на COVID-19 пандемија, што превзема ДЗС за заштита на учесниците и на населението во пописните активности?

ДЗС веќе стекна  големо искуство за спроведување на истражувања на терен во услови на COVID-19. Пописот ќе биде спроведен во согласност со сите здравствени протоколи подготвени во соработка со Министерството за здравство.

Заштита на лични податоци
Упатства за попишување
и COVID 19 протокол

© 2024 - Државен завод за статистика